Претседателот на Собранието Африм Гаши ја закажа седницата за избор на новата Влада во сабота во 11 часот, а според Деловникот расправата може да трае најмногу два дена, односно нејзиниот избор треба да се случи до недела до полноќ. Мандатарот Христијан Мицкоски вчера до Собранието го достави предлогот за идната Влада и програмата за работа. Што можат граѓаните да очекува и кои ќе бидат главните приоритети на новиот владин кабинет? Дали новиот владин кабинет ќе донесе промени и колку предложените кадри ќе се справат со проблемите во државата?
„Главните два приоритети на Владата ќе бидат справување со криминалот и корупцијата и клиентелизмот во општеството и подобрување на економската состојба и подобар живот на граѓаните. На тоа јас би додал како предизвик на Владата откочување на евроинтеграциите. Мислам дека високото ниво на политички капитал и поддршка која што оваа влада го има и дава основ да направи посериозен исчекор напред. А дали ќе го направи или не, сепак не зависи од кадрите зависи од политичката волја“, порача Петар Арсовски.
Она што меѓународната заедница ги интересира е како новата влада ќе се постави во почитувањето на меѓународните договори, особено на Преспанскиот.
„Прашањето е дали ќе застанеме ние од две различни страни на оградите или од две различни страни на мостовите со меѓународната заедница па дури и со Грција по прашање на Преспанскиот договор. Јас видов во медиумите последните два-три дена најава од избраниот премиер дека при положувањето заклетва за Влада ќе го користи новото уставно име што беше една од главните барања на меѓународната заедница. Ако тоа се случи, мислам дека тоа ќе води кон деескалација на ситуацијата и до смирување на состојбите“, вели Петар Арсовски.
Но координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски со критики кон новата Влада, вели дека не постои јасен план ниту јасни правци за стратешките интереси, како и дека предложените кадри нема да понудат ништо ново.
„Можам да констатирам дека се продолжува во насока на големи ветувања и подигање на очекувањата на граѓаните, а во суштина важи онаа народната каде што има големи ветувања одете со мала торба. Кадровскиот потенцијал кој што се нуди апсолутно не може да одговори на очекувањата на граѓаните ниту пак на ветувањата кои што беа дадени во предизборниот период“, вели Оливер Спасовски.
Новиот владин кабинет ќе биде поброен во однос на претходниот во кој покрај премиерот Мицкоски ќе има уште 23 вицепремиери и министри.
