Темата околу формирањето на кабинетот на бугарската Влада се уште е актуелна кај источниот сосед, а новиот кабинет се очекува и од македонска страна за да продолжат преговорите. Каква ќе биде позицијата на новата бугарска влада кон нашата земја и преговорите по отворениот спор, е прашање кое се поставува и во официјална Софија. Деновиве и мандатарот за состав на бугарската Влада Пламен Николов предложен од партијата „Има таков народ“ во интервју за БНТ беше прашан дали ќе ја задржи досегашната политика кон Македонија или ќе прави одредени компромиси. Во одговорот тој направи гаф, кој Договорот меѓу Бугарија и Македонија го нарече Преспански договор, за кој смета дека треба да претрпи ревизија.
„Вие знаете за Преспанскиот договор 2017 и колку неисполнети клаузули има од него. Тоа е нешто што многу не загрижува. Така што по никаков начин нема да ги загрижуваме нашите браќа и нема да ги лишуваме од можноста за нивната европска иднина на некаков насилен начин или на начин кој што се прави од други балкански држави. Но тоа не значи дека нема да го опстојуваме на својот национален интерес. Како точно ќе биде направено тоа, можеби ќе има ревизија на самиот тој договор и прегледување“, истакна Пламен Николов.
Христо Проданов пратеник на БСП партија која се очекува да се изјасни дали ќе влезе во коалиција со Има таков народ за формирање Влада објасни дека на презентацијата на членовите на идниот кабинет било поставено прашање до мандатарот Николов за идните односи на Бугарија со Северна Македонија на која било речено дека промена на позициите од страна на Има таков народ нема да има.
„Тие рекоа дека тоа воопшто не е предмет на коментар, промена на позицијата на Бугарија кон Македонија. Знаете, позицијата на БСП, очигледно, се совпаѓа со „Има таков народ“ според тоа што кандидатот за министер и претседателот одговори дека ќе настојуваат да се почитува Договорот и Македонците да ги исполнат обврските кои се во тој Договор“, вели Христо Проданов.
Техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев оценува дека во последните два месеци се направени напори да се води дијалог со Македонија на сите нивоа и да се постигне договор кој би бил прифатлив за идната политичка влада на Бугарија и основа за продолжување на преговарачкиот процес. Смета дека Резолуцијата која Македонија ја усвои во Собранието е чекор назад, но дека сериозно ќе биде разгледана дали е во согласност со Договорот и какво влијание ќе има.
„Секој чекор назад не само што ги омаловажува напорите направени и го доведува во прашање она што е постигнато досега, туку и го попречува воспоставувањето атмосфера на доверба и отворена комуникација. Едно нешто дефинитивно треба да биде јасно, за Бугарија е неприфатливо со вакви постапки да се мотивира или оправдува неисполнувањето на билатералниот договор. Единствениот можен начин да се постигне договор е преку дијалошки и прагматичен пристап, стриктно исполнување на преземените меѓународни ангажмани од страна на Скопје“, порача Светлан Стоев.
Преговорите меѓу Скопје и Софија се оставени на стенд бај поради тоа што Бугарија се уште не може да формира Влада.
