Половина оштетена, со искршени прозорци и табли. Вака изгледа галијата која до минатата година функционираше како ресторан.
Ниедна од галиите кои се поставени во реката Вардар се уште не е отстранета, иако тоа го ветуваше екс градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, кој рече дека истите претставуваат опасност. Едната од нив е функционална, а процесот за отстранување на другите две е блокиран бидејќи сопственикот го тужел Град Скопје.
За да видиме до каде е ова прашање во суд, контактиравме и со извршниот директор на компанијата која е сопственик на демолираната галија, Жарко Миленковски. Иако првично се договоривме да ја снимаме неговата изјава, подоцна ни врати писмен одговор во кој не информираше дека на првото рочиште минатата година било одлучено да се запре со уривањето, додека следното рочиште за овој случај е закажано за 7 јуни.
„Дали е добро тоа што Петре Шилегов почна со уривање на галијата?
Не. Бидејќи народот го казни.
Дали е добро за државата?
Не, затоа што ќе треба да плати оштета. Штетата е над 1 милион евра. Ние не сакаме да ја оштетиме државата. Ако ја вратиме во првобитната состојба, секако дека ќе продолжиме со работа“, вели Миленковски.
Во врска со ова побаравме став и од Град Скопје, одговорот е следен:
„За галијата кај Холидеј ин има правосилна извршна исправа. За истата галија од страна на сопственикот против град Скопје поведени се две судски постапки. Едната се однесува на раскинувањето на договорот, а другата за надомест на штета за рушењето предизвикано од постапки покренати од страна на Петре Шилегов. Предметот за раскинување на договорот е во тек, а предметот за надомест на штета е во прекин до конечниот исход на предметот за раскинувањето на договорот. За галијата кај ЕЛЕМ извршната постапка која ја повел претходниот градоначалник Петре Шилегов била одбиена од страна на судот, а во меѓувреме сопственикот поднел тужба за раскинувањето на договорот“, велат од Град Скопје.
Инаку договорот со Град Скопје е склучен за период од 10 години, а едностраното раскинување на истиот имаше последици, во случајов, оштета.
Потсетуваме дека овие галии се дел од проектот Скопје 2014 а за нивно отстранување е одлучено по студијата за намалување на ризикот од потонување, изготвена од УНДП, заедно со Град Скопје и ЦУК, каде се вели дека во Вардар не треба да се прават насипи, пречки и други објекти бидејќи го намалуваат нивото на текот на реката.