Оптимизам, чести состаноци со министерот за образование, средби со екс премиерот за отворање на паралелка на албански јазик во општина Чашка.
Но, сега, како што изгледа, оптимизмот, згасна. Претседателот на Општинскиот совет на општина Чашка, Халил Ферати, поднесе оставка од морални причини. Вели дека одлуката ја донел како резултат на тоа што функционерите кои требало да ја завршат работата немале храброст да го направат тоа и дека постапката само се одолговлекува.
„За жал сфатив дека само се одолговлекува постапката и не се решава. Овие луѓе кои моментално се во функција немаат храброст за да ги решат овие проблеми. Јас одлучив да не соработувам со овие луѓе. Јас како албански претставник не се чувствував комотно да бидам во таа позиција во која се 44 ученици Албанци.“, рече Ферати.
Општинскиот совет со 7 гласа “за“ и 3 “против“, ја изгласа иницијативата за отворање на паралелка на албански јазик во октомври 2019 година.
Со оваа одлука Градоначалникот и директорката на училиштето беа овластени да го сменат статутот на училиштето, со цел да се отвори паралелка на албански јазик во Чашка. Но директорката на училиштето од тогаш до сега не доставила такво барање до општината.
За да разбереме каде заглави постапката и што се случи со паралелката на албански јазик, пред неколку дена го прашавме министерот Арбр Адеми.
„Вие знаете дека и со премиерот Зоран Заев тогаш имавме средба и решение не е преземањето на надлежностите, бидејќи барањето треба да дојде од самото училиште. Градоначалникот неколку пати ми кажа, доколку овој проблем може да се реши со земањето на надлежности, тогаш своеволно земете ми ги надлежностите. Но, треба да дојде барање од училиштето“, изјави Адеми.
44 албански ученици кои живеат во селата на оваа општина, веќе долго време бараат да учат на нивен мајчин јазик. Во училиштето во Чашка, од основањето досега никогаш немало паралелка на албански јазик. Против отворањето на оваа паралелка беа организирани протести од страна на родителите Македонци.
