Што содржи предлогот кој премиерот Заев го достави до Софија? И покрај тоа што од македонска страна се молчи за тоа што е предложено во Бугарија, дел од бугарските медиуми тврдат дека во еден од петте формулации стоело и, цитирам, по спорот за јазикот, дека Бугарите и Македонците зборуваат на ист јазик, но и на различни, кои се светски признати одделно, односно дека се меѓународни признаени како два различни. Ова го пренесува весникот 24 часа повикувајќи се на владини извори.
Истиот медиум тврди дека Заев предложил пет варијанти за компромис кои треба да влезат во политичка декларација, во која меѓу другото било наведено дека двата народа се братски. Заев од Софија отпатува за Австрија каде се одржува Самит за Западниот Балкан, каде рече дека со Бугарија бил постигнат напредок, но не прецизираше никакви детали за предлогот што го однел.
„Вчера таму во Софија со премиерот и со претседателот на Бугарија, колегите Јанев и Радев направивме голем европски исчекор. Ја враќаме довербата меѓу двете држави и меѓу нашите многу блиски, би рекол братски народи. Македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила. Верувам дека низ овој процес Западен Балкан на Европа наскоро ќе и донесе нова позитивна вест и барам поддршка од сите вас на тој пат“, посочи Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со став дека ова е доказ дека Заев преговара за македонскиот јазик и врши национално предавство.
„Заев со ова ја прифаќа негаторската теза на круговите во Софија дека македонскиот и бугарскиот јазик се исти јазици, што пак е директно загрозување на нашиот идентитет. Ова значи дека Заев ги потврдува бугарските тези дека се до кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 македонскиот јазик бил форма или дијалект на бугарскиот јазик, што е апсолутно неточно. Ваквото тврдење е негирање на историскиот континуитет на македонскиот јазик“, рече Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Во средата на Комисијата за надворешни работи, од претседателот Антонио Милошоски беа прочитани заклучоци според кои од македонска страна треба да донесе резолуција со која ќе се отфрли бугарската декларација како спротивна на Договорот за добрососедство како и да усвои став дека образованието, историјата и културата се суверени права на една држава. Од СДСМ велат дека и да се достави ваква иницијатива тие нема да ја прифатат.
„Нивните заклучоци фрлаат сомнеж токму на посебноста, на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Доколку некој од ВМРО-ДПМНЕ има проблем со својот македонски идентитет и со јазикот кој што го зборува може за тоа да одлучува но на друго место. Македонскиот идентитет не е место на кое што за тоа треба да се одлучува“, посочи Богданска Кузеска од СДСМ.
„Развојот на настаните и она што го читаме во странските медиуми, повторно во странските медиуми но не во домашните медиуми, даваат објаснување можеби за пратениците на СДСМ и од ДУИ за време на собраниската комисија за надворешна политика. Во предлог заклучоците како трета точка од заклучоците кои што требаше да бидат гласани на Комисијата за надворешна политика, парафразирам стои дека Собранието треба да усвои декларација здека право на секоја држава е заштита на идентитетските одредници“, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Советот на Европа треба да се одржи на 22 јуни, на кој, како што и самиот Заев вели, не треба многу да се надеваме, а дека следната можност за одлука за почеток на преговорите е 6 октомври кога е закажан Европскиот совет за западен Балкан во Словенија.
