Доколку со Владата нема договор и не се исполнат нашите барања за поголеми плати остануваме на ставот дека на 11 април образованието ќе стапи во генерален штрајк, истакна претседателот на СОНК Јаким Неделков во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус. Едно од причините за големото незадоволство е, вели тој, поради фактот што платите во образованието се зголемени само за 20 проценти, а минималната плата, што е за поздравување, е зголемена за 78 проценти.
„Недозволиво е само за одредена категорија на вработени да има зголемување на плата, за останатите не. Имаме зголемување на минималната плата за цели 78 проценти. Тие 78 проценти зголемување на минимална плата воопшто не ги следи другите останати плати. Еве конкретно за образование, имаме кумулативно некаде околу 21,3 проценти зголемување на плата“, вели Јаким Неделков.
Министерот за образование Јетон Шаќири посочи дека Владата сериозно ги сфаќа барањата на СОНК и се бара начини да се реши проблемот. Тој вели дека од понеделник повторно седнуваат на маса со синдикатите во барањето решение.
„Од првото барање што доаѓа од страна на СОНК од 3 март, што не е далеку, се уште не е еден месец, ние како Влада сме имале три состаноци, почнувајќи од Економско социјалниот совет каде беа присутни сите синдикати, после тоа имавме заеднички состанок со претседателот на Влада, континуирано имаме состаноци, како што кажав и од понеделник ќе продолжиме во текот на целата недела. Ова подразбира дека сериозно ги сфаќаме барањата што доаѓа од СОНК или другите барања кои доаѓаат од другите синдикати“, посочи Јетон Шаќири.
Првиот човек на СОНК Неделков појаснува дека доколку сепак дојде до тоа да не биде постигнат договор и се започне со штрајк тоа ќе значи дека настава нема да се одржува и дека децата во градинките нема да се изведуваат згрижувачки и воспитно образовани активности. За министерот за образование ова не е добро, бидејќи, како што истакна ова е многу важен период за образовниот процес.
