Со масовни штрајкови и протести во Атина и други градови, Грција традиционално го одбележува Денот на трудот, во организација на синдикатите од јавниот и приватниот сектор.
Земјата денеска функционира со сериозни ограничувања во сообраќајот – во прекин се бродскиот и железничкиот транспорт, а проблеми има и во јавниот превоз. Во Атина, метрото и трамвајот се во 24-часовен штрајк, додека автобусите и тролејбусите сообраќаат со ограничен режим од 9 до 21 часот. Во Солун, пак, на улиците се пуштени само околу 50 автобуси.
Двата најголеми синдикати во земјата прогласија 24-часовен генерален штрајк, а за претпладнево најавија и протестен собир во Атина. Велат дека на овој начин оддаваат почит на историските работнички борби, но и испраќаат порака дека актуелните барања се насочени кон подобра иднина.
Меѓу клучните барања се зголемување на платите, унапредување на работничките права и воспоставување поправеден даночен систем.
