Сиљановска бара јасна стратегија од ЕУ – „не говорам за промена на преговарачка рамка“, вели претседателката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија, претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова во емисијата Клик плус на Тв21 рече дека очекува Европската унија да има појасна стратегија за Македонија. Таа вели дека ЕУ мора да покаже конзистентна политика на проширување,со почитување на Копенхагенските критериуми.

„Јас сакам, дали во рамките на Берлинскиот процес, дали во рамките на она што следи сега, ЕУ навистина да манифестира јасна стратегија за нас. Не треба да докажуваме дека ние отсекогаш сме биле дел од Европа, географски, историски, културно ако сакате, дека сме компатибилни“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

За најавите на власта да испрати писмо до Брисел, за кое и министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани деновиве рече дека во Владата се разговара за изнаоѓање на нови решенија притоа не прецизирајќи за што точно станува збор и дали тоа би можело да значи барање промена на преговарачката рамка, Силјановска вели дека таа сега не говори за тоа, но потсети за односот на Бугарија кон Македонија.

„Не говорам јас за промена на преговарачка рамка, мене ми е јасно дека таму гласале сите, јас зборувам за нејзиното спроведување со интерпретација. Јас тоа им го кажав и во Обединетите нации на сите со кои се сретнав. Бугарија е потписник на Конвенцијата за заштита на правата на малцинствата, Бугарија има  совет национален за малцинства  во кој замислете, го нема македонското малцинство“, порача Сиљановска Давкова.

За исполнувањето на барањето на Бугарија за уставните измени владиниот партнер коалицијата ВРЕДИ даде рок од 6 месеци да се донесат измените, за кое пак Мицкоски ја отфрла таквата можност, рече дека е неприфатливо од коалиционен партнер да поставува услови, туку заедно да се работи на изнаоѓање решенија.