Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека ограничувањето на двојното државјанство не треба да важи само за пратениците, туку и за други високи државни функции, вклучително и претседателот, премиерот и министрите.
Таа појасни дека Уставот и законите дозволуваат двојно државјанство, но оти постои правна можност тоа да се ограничи за одредени функции од безбедносен и државен интерес.
Како пример, ја посочи праксата кај амбасадорите и директорот на Агенцијата за национална безбедност, каде веќе постојат вакви ограничувања.
Сиљановска-Давкова истакна дека евентуалното ограничување не значи укинување на правото на двојно државјанство, туку обврска тоа да престане во моментот на стапување на функција.
