Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека на дијаспората треба да и се овозможат услови за да гласа и дека актуелните решенија во Изборниот законик создаваат нееднаков третман на граѓаните што живеат надвор од државава. Според неа дијаспората во овој дел е дискриминирана, а Уставот јасно го предвидува правото на глас .
„Кога е дијаспората во прашање јас понекогаш се шокирам од она што го слушам. Според нашиот Устав избирачкото право и активно и пасивно се врзува за државјанството. Невозможно е да испраќаме во избирачки места, тоа е многу, ние немаме и ние само во конзулатите и во амбасадите, што е невозможно во некои земји. Е тогаш се посега по што? Или по гласање по пошта или по гласање електронско и така натаму“, рече Сиљановска-Давкова.
На забелешките на опозицијата дека во предлогот на власта прво за електронско, а потоа и за гласање по пошта, не се предвидени заштитни механизми и дека на тој начин ќе дојде до изборни манипулации, Силјановска рече дека токму од нив e спроведен попис по електронски пат. Таа говореше и за другите отворени прашања како што е една изборна единица и финансирањето на партиите за изборите.
„Што се однесува за другите забелешки, значи една изборна единица е добро решение, што се однесува до другите околу политичко рекламирање и така натаму, исто така треба да се постигне консензус, има држави во кои нема платено политичко рекламирање“, рече Сиљановска-Давкова.
Од СДСМ реагираа дека доколку претседателката Силјановска е за фер избори, тогаш зошто не каже јасно кои се проблемите со електронското гласање. Гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ постојано се обидува да ја префрли вината за Изборниот законик на некој друг, вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
„Токму ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се тие кои што бараат алиби. Создаваат вештачки конфликт околу Изборниот законик, гледаме дека намерно туркаат спорни одредби за изборен грабеж за да го прикријат сопствениот неуспех со Реформската агенда и за целосно да го блокираат европскиот пат“, изјави Кузеска.
Премиерот Мицкоски на фејсбук статус напиша дека до Европската унија е доставен документ со исполнети обврски од реформската агенда, иако, како што истакна опозицијата се обиде да го забави тој процес преку блокирање на Изборниот законик. Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека на тој начин тие се обиделе да се претстават како жртви.
„ВМРО-ДПМНЕ како партија на власт им ги прифаќа сите барања на опозиционерите само дијаспората да може да гласа на полесен начин. Токму ова коалицијата на Социјалдемократскиот сојуз, Левица и ДУИ го одбија“, изјави Валентин Манасиевски.
Крајниот рок што Македонија дополнително го доби за донесување на Изборниот законик истече во средата, со што земјава изгуби 4,2 милиони евра пари од Европската унија.
