Сиљановска-Давкова ќе има обраќање на самитот во Софија и средби со Јотова и Хаџиу

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе престојува во Софија, каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). На собирот, посветен на регионалната соработка и безбедност, таа ќе има свое обраќање на пленарната сесија под наслов „Компас кон стабилност, безбедност и одржливост“.

Самитот се одржува под домаќинство на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, а на него ќе учествуваат претседатели, премиери и високи владини претставници од повеќе земји од регионот.

Меѓу учесниците се претседателот на Албанија Бајрам Бегај, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Беќировиќ, вршителката на должност претседателка на Косово Албулена Хаџиу, претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ. На самитот ќе присуствуваат и министри и други високи претставници од Молдавија, Турција, Грција и Хрватска.

Во рамки на посетата на Софија, Сиљановска-Давкова ќе оствари и билатерални средби со бугарската потпретседателка Илијана Јотова и со вршителката на должност претседателка на Косово, Албулена Хаџиу.

Се очекува на средбите да бидат разменети мислења за актуелните регионални предизвици, европските интеграции и можностите за продлабочување на соработката меѓу земјите од Југоисточна Европа.