Сиљановска-Давкова: Парадоксално е од членките на ЕУ да се бара гаранција дека ќе ги почитуваат пресудите од Судот во Стразбур

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека е парадоксално да се бара од земјите членки на Европската Унија гаранција дека ќе ги почитуваат одлуките на Европски суд за човекови права во Стразбур, со оглед на тоа што тие веќе се обврзале на тоа со прифаќањето на европските правни стандарди.

Гостувајќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, таа истакна дека често се слуша ставот дека никој не може да даде гаранции, но дека тоа обично се поврзува со правото на вето што го имаат членките на Европската Унија.

Според неа, гаранциите се составен дел од европското право и од конститутивните документи на Унијата.

„Ако Европската Унија ја потпишала и ратификувала Европската конвенција за човекови права и ја признала јурисдикцијата на Судот во Стразбур, тогаш е парадоксално да се бара гаранција дека тие одлуки ќе се почитуваат. Пресудите на Судот треба да важат за сите членки на ЕУ“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Таа потсети дека во рамките на Совет на Европа во минатото биле преземани и сериозни мерки кон држави што ги прекршувале фундаменталните обврски, вклучително и можноста за исклучување од организацијата.

Сиљановска-Давкова додаде дека во Лисабонски договор, инспириран од Копенхашки критериуми, јасно е наведено дека се почитуваат националниот и културниот идентитет на државите и народите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните.

„Не може овие принципи да важат за земјите членки на Европската Унија, а да не важат и за државите кандидати“, истакна претседателката.