Сиљановска-Давкова: Парламентарниот дијалог има незаменлива улога за мирот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на на XX Конференција на претседатели и спикери на Парламенти на земјите учеснички во Јадранско-јонската иницијатива, чиј домаќин е македонското Собрание во својство на претседавач на земјава со инцијативата за периодот 2025-2026.

Сиљановска-Давкова истакна дека парламентарната дипломатија има клучна улога во зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот преку интензивна соработка во време на длабоки глобални предизвици и неизвесност.

Осврнувајќи се на улогата на парламентите во политичките системи, претседателката искажа загриженост заради пореметената рамнотежа на трите власти, неопходна за парламентарната демократија. 

Таа укажа на видно ослабените контролни механизми врз извршната власт. Според неа, меѓународните односи не смеат да бидат само во рацете на егзекутивата, туку и на парламентите како креатори на меѓународната политика.

За претседателката, парламентарната дипломатија може да има незаменлива улога во градењето, одржувањето и гарантирањето на мирот, со оглед на плуралниот состав и транспарентниот политички дијалог. Парламентите, чиј легитимитет извира непосредно од народот, за неа се политички школи на демократијата во коишто се учи и негува дијалогот меѓу власта и опозицијата.

Сиљановска-Давкова укажа на нужноста од длабоки реформи на ОН и ЕУ, коишто настанаа како мировни проекти, а се соочуваат со воени предизвици.

Според неа, време е за преиспитување на односот на ЕУ кон процесот на проширување. Таа посочи дека Европската унија и самата е соочена со демократски дефицит, видлив од доминацијата на Европскиот совет над Европскиот парламент и Европската комисија.

Сиљановска-Давкова ја охрабрува Европската унија да направи храбар чекор како во 2004 година, со којшто ќе стави крај на вештачката поделба на Исток и Запад и крај на балканизацијата.

„Време е за политичко вдомување на Западниот Балкан во европското семејство“ – порача Сиљановска-Давкова.

На панелот насловен „Промовирање на мирот и стабилноста преку парламентарната дипломатија“, што го модерираше собранискиот спикер Африм Гаши, се обратија генералниот секретар на ЈЈИ, Џовани Кастеланета, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, поранешниот министер и пратеник Ризван Сулејмани и пратеничката и претседателка на Клубот на младински прашања и политики на Собранието, Драгана Бојковска.

Во дебатата се вклучија претседатели и потпретседатели на законодавните домови на Србија, Хрватска, Црна Гора, Италија и Босна и Херцеговина, а присуствуваа претставници на дипломатскиот кор од земјава. 

 Се заложија за координиран и одговорен пристап на Европскиот парламент, како и на националните парламенти и заклучија дека е потребна уште поинтензивна соработка во рамките на Јадранско-Јонскиот регион.