Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека уставните измени не се единствениот услов за деблокирање на европскиот пат на Македонија, посочувајќи дека на средбата со бугарската потпретседателка Илијана Јотова станало јасно оти постојат и дополнителни барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија.
Говорејќи по билатералната средба во Софија, одржана на маргините на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Сиљановска-Давкова истакна дека таа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски сакале директно да ги слушнат ставовите на бугарската страна.
„Сакавме да им дадеме шанса на разговорите и дијалогот. Она што ни стана јасно е дека не станува збор само за уставните измени, туку и за други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија“, изјави претседателката.
Таа нагласи дека македонската делегација ги претставила своите позиции, при што посебен акцент бил ставен на обврската сите земји-членки на Советот на Европа да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Според Сиљановска-Давкова, на средбата било посочено и дека е неопходно почесто комуницирање меѓу претставниците на двете држави, со цел да се одржи дијалогот и покрај сложените прашања што ги оптоваруваат односите.
По завршувањето на самитот, претседателката одговараше и на прашања од бугарските медиуми во врска со уставните измени. Таа истакна дека не може самостојно да носи одлуки по тоа прашање, нагласувајќи дека во државата постојат институции и демократски процедури, а воедно потсети и на важноста од почитување на човековите права како темелна европска вредност.
