Сиљановска-Давкова: Владиниот авион е функционален и поевтин, но ни треба понов и побезбеден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека користењето на владиниот авион овозможува поефикасно извршување на државните обврски и во одредени случаи е поекономично од комерцијалните летови.

Одговарајќи на новинарско прашање по настанот за одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, таа посочи дека актуелниот авион е стар околу 25 години и е набавен како користен, поради што секогаш има дилема кога мора да го користи.

Со доза на хумор, претседателката рече дека нејзини колеги од регионот го нарекуваат „авиончето на браќата Рајт“, алудирајќи на неговата старост и големина. Според неа, би било порационално државата да располага со понов, поголем и побезбеден авион, што би овозможило со еден лет да патува и да се враќа поголема делегација.

Таа нагласи и дека е хендикеп што со македонската делегација најчесто нема новинари, за разлика од другите држави, каде што медиумите редовно ги придружуваат претседателите на службените патувања.