Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во  STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).

Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.

Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината. 

„Во овој необичен ден и уште понеобична ноќ, разговорот не запира. Во текот на дваесет и четири часа, од една временска зона кон друга, од еден континент кон друг, се пренесуваат женската енергија, глас и визија. Додека на едно место изгрева сонцето, на друго се спушта ноќта, додека едни го започнуваат денот, други го завршуваат. Но, мислата и намерата остануваат будни зашто овој настан е потсетник дека технологијата создаде нова мрежа на човештвото во којашто жените повеќе не се периферија, туку центар на современите процеси.

Во текот на дваесет и четирите часа, светот е поврзан со невидлива линија на знаење, искуство и женска солидарност. Од Сиднеј до Скопје, од Берлин до Сингапур, од Њујорк до Токио, жените зборуваат, слушаат, споделуваат и испишуваат своја заедничка глобална приказна.

Живееме во време во коешто технологијата ја обединува планетата побрзо од кога било претходно. Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите. Во таа нова географија што ја создава технологијата, не постојат центри и периферии на талентот, туку идеи што чекаат да бидат препознаени, поддржани и реализирани.

Долго време многу жени работеа во тишина, во средини без паритетна застапеност, во институции каде мораа да се докажуваат двојно за да им биде признаен трудот. Денес, благодарение на нивната истрајност и визија, жените не се повеќе исклучоци во светот на технологијата. Тие се истражувачки умови, основачки на стартапи, директорки на компании, програмерки, инженерки, дизајнерки, визионерки. Тие ја создаваат инфраструктурата на иднината: од вештачката интелигенција до дигиталните платформи што ги поврзуваат луѓето и економиите.

Овој глобален тек не потсетува на една наспорна вистина: успехот во современиот свет не е индивидуална трка, туку секој напредок се темели врз споделено знаење, претходни искуства и меѓусебна поддршка. Кога една жена напредува, таа отвора простор за друга и кога една создава, таа го проширува хоризонтот за многу други“, изјави Сиљановска-Давкова.