„Сиљановска своите права и должности ги врши во рамките на Уставот и законите“, велат од Кабинетот на претседателката за одлуките во Агенција за разузнавање

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Пред неколку дена претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го разреши директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, а на негово место ја именува Габриела Јаковлева.

Сиљановска Давкова го смени и заменик директорот на оваа Агенција, а на таа функција моментално е назначена Ивана Стојановска.

Овие две одлуки на претседателката наидоа на реакции токму во Агенцијата за разузнавање, од каде вработените Албанци беа револтирани и незадоволни затоа што ниту еден од раководителите на институцијата не е Албанец.

Како што пишувавме претходно, тие велат дека ова не се случило 20 години, каде барем заменикот бил Албанец, дури и кога претседател бил Ѓорге Иванов.

ТВ21 испрати прашања до Кабинетот на Сиљановска Давкова за тоа зошто не е назначен ниту еден Албанец на раководните функции, и зошто Ивана Стојановска е назначена за заменик директор иако го нема потребното искуство за оваа функција и дали постои можност да се преиспита одлуката?

Од Кабинетот за ТВ21 не одговорија на првото прашање, но порачаа дека претседателката Сиљановска Давкова ја именувала Ивана Стојановска во согласност со условите за именување на заменик директор на Агенцијата за разузнавање кои се предвидени во Законот за Агенцијата за разузнавање.

„Ивана Стојановска го исполнува законски пропишаниот услов, дека има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата, а има севкупно 18 годишно искуство од областа.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова своите права и должности како Претседател на Републиката, ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, а исклучиво водејќи се од македонските национални интереси.

Ивана Стојановска во периодот од 2006 до 2014 година е дел од наставниот кадар и има научно-истражувачка работа при Американски универзитет на Европа-ФОН, Скопје. Во 2006 година Стојановска стекнува соработничко звање на Факултетот за политички науки и меѓународни односи, а во 2007 година е избрана за соработник на Факултетот за информатика (со редоследни реизбори до 2014 година) и ангажирана како асистент по наставен предмет на Факултетот за детективи и безбедност. Од 2014 до 2016 година Стојановска работи како асистент за научно-истражувачка работа, Факултет за компјутерски науки и информациски технологии, Универзитет Американ Колеџ, Скопје. Во периодот 2016-2019 година Ивана Стојановска е раководител на одделение во Директорат за техничко разузнавање и информатичка поддршка во Агенцијата за разузнавање, а од 2019-та до 2021 година – Раководител на сектор во Директорат за техничко разузнавање и информатичка поддршка. Во периодот 2021-2024 година работи како раководител на Сектор за информациски и комуникациски технологии при Агенцијата за разузнавање. Таа е докторант на факултетот за електротехника и информациски технологии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ . Посетувала различни курсеви, конференции и обуки од областа на сајбер безбедноста, курсеви за менаџмент и лидерство организирани од сојузнички  разузнавачко – безбедносни служби“, велат од Кабинетот на Сиљановска Давкова за ТВ21.