Од 500 денари па се до над 500 илјади денари се движат донациите кои физички или правни лица им ги донирале на претседателските кандидати во првиот круг од кампањата. Меѓу оние кои уплатиле пари има имиња на пратеници, градоначалници и членови на партиите кои застанале во поддршка на кандидатот.
Во добиени средства предничи Гордана Силјановска Давкова која на добила 19.950.000 денари или нешто повеќе од 325 илјади евра. Долг е списокот на нејзината изборна сметка на која дури 526 лица донирале пари. Меѓу нив е потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски кој уплатил дури 360 илјади денари, а најмногу уплатил Димчо Атанасовски со 565 илјади. Тука се и имињата на пратеничките Ане Лашкоска со 150.000 денари, Дафина Стојановска 44.000 денари, Рашела Мизрахи 100.000 денари, Дејанчо Ефтимов со 296 илјади,техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски со 100.000 денари.
Во висината на примените донации втор е Бујар Османи од ДУИ со вкупно 69 илјади евра, но таму не се наведуваат лицата кои донирале. Фирмата Хак комерц донирала 185 илјади денари, а преку партиската на неговата изборна сметка се префрлени 4.100.000 денари.
Потоа следува Арбен Таравари од коалицијата ВЛЕН со донации од 521.900 денари или 55 илјади евра. Интересно е тоа што на неговата изборна сметка донација од 183 илјади денари била уплатена од самиот Таравари, а на неговата сметка префрлени се пари и од партијата Алтернатива и Алијанса за Албанците на самиот Таравари.
Кандидатката Билјана Ванковска поддржана од Левица има донации од 17.788 евра, а најависоки донации уплатиле самата Ванковска, првиот човек на Левица Димитар Апасиев, како и Борислав Крмов.
На изборната сметка на кандидатот Стевчо Јакимовски од ГРОМ префрлени се донации во износ од 986 илјади денари или околу 16 илјади евра. За него донирале околу 20-ина лица, меѓу кои и тој самиот кој уплатил 150 илјади денари.
Кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски имал 12.195 евра, за кого донирале околу 15-ина лица во вистина од 750 илјади денари, а тој самиот уплатил 20 илјади денари.
Сметката со најмал износ е онаа на кандидатот од СДСМ Стево Пендаровски со 2.400 евра. Донациите главно се од услуги а не во пари, во кој се јавуваат 3 физички лица и една фирма.
