Силјановска за реакциите на ДУИ: „Да се внимава на правичната застапеност во АРМ, но и на стручноста“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реакциите на Демократската унија за интеграција дека се врши исклучување на Албанците во Министерството за одбрана стигнало и до претседателката Гордана Силјановска Давкова. Таа како врховен командант на Армијата се интересирала токму за ова при што и било речено дека станува збор за одредени преименувања. Додава дека според неа треба да се внимава на правичната застапеност но и на стручноста.

-Прашав, одговорот беше дека се работи за истите органи и истите луѓе, само што во реформите имаат преименување. И јас го чув тоа, мислам дека треба да се провери и мислам дека да, треба да се води сметка и за правичната и за соодветната застапеност. Правично значи, прво стручност и компетентност па потоа пропорционалност, изјави Гордана Силјановска Давкова, претседателка.

Претседателот на Алтернатива од коалицијата ВРЕДИ Зекирија Ибрахими во Дејли клик на ТВ21 рече дека мора да се внимава и на НАТО стандардите кои не секогаш се поврзани со етничката застапеност.

-Она што треба да се каже е дека застапеноста на Албанците е зголемена, но поради новите стандарди на НАТО кои се воспоставени и се повеќе се бараат, тоа се прави на принцип на меритократија и веќе, особено Министерството за одбрана, не може секогаш да важи клучот за етничката застапеност затоа што тие се стандарди на НАТО кои наметнуваат правила на однесување поврзани со безбедноста, безбедносните сертификати и напредокот, изјави Зекирија Ибрахими, претседател ААА/ВРЕДИ.

ДУИ изминативе денови обвинуваше дека се врши систематско исклучување и маргинализација на Албанците од државните институции, од кои посебно во клучните структури во Армијата. Од партијата на Ахмети испратија и писмо до меѓународните партнери дека со ова се загрозува мултиетничката структура на државата.