Силна трка за градоначалник на Гостивар: Лимани и Бејта во дуел на повторените избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Валбон Лимани од Алијанса за Албанците на Таравари, која настапува во рамки на НАИ, во која е и ДУИ, ќе се соочи со поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта, кој 20 години беше водечка фигура на ДУИ во Гостивар, а сега е поддржан од ВЛЕН.

„Денес ја поднесовме мојата кандидатура за градоначалник на општина Гостивар во рамки на коалицијата Национална Алијанса за Интеграција. Нашата порака е: посакуваме фер и демократски избори и се надеваме дека овојпат ќе имаме избран градоначалник. Очекуваме победа, а ќе видиме со каков резултат, зависно од излезноста. Очекуваме подобар резултат и сите заедно компактно ќе излеземе и ќе ја прославиме победата“, изјави Валбон Лимани, кандидат на НАИ за градоначалник на Гостивар.

Невзат Бејта, при предавањето на кандидатурата, беше пречекан од поранешни директори и министерот за здравство. Тој, благодарејќи им на лидерите на ВЛЕН, рече дека целта е работа за доброто на градот, кој според него, во последните осум години е уништен.

„Многу сум благодарен на сите граѓани на Гостивар без разлика на партијата или националноста, за поддршката за доброто на Гостивар. Голема благодарност до лидерите на ВЛЕН за поддршката што ми ја даваат, бидејќи во последните осум години градот е уништен и со оваа поддршка ќе го запреме уништувањето. Граѓаните го сакаат својот град и ние ќе се обединиме за да го изградиме заедно. Ќе бидеме обединети до големата победа на 11 јануари“, изјави Невзат Бејта, кандидат на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Гостивар.

Алијансата за Албанците, крилото на Зијадин Села, кое неодамна се повлече од НАИ, најверојатно нема да има кандидат во Гостивар, но ќе има во Врапчиште.

„Според сите изгледи, во една од овие општини ќе имаме сопствен кандидат, најголеми се шансите да се настапи во општина Врапчиште“, изјави Зијадин Села, претседател на АШ.

Новинар: Дали го имате името на кандидатот?

Села: Ќе бидете информирани до утре, тоа се роковите. Во Гостивар ќе завршат кандидатурите, па ќе видиме и потоа ќе има став.

ТВ21 дознава дека Зулхајрат Демири–Зули ќе биде независен кандидат за градоначалник на општина Врапчиште, но ќе ја има поддршката на Алијанса на Села. Тој моментално е претседател на огранокот на Алијанса на Села во Врапчиште, а порано бил директор на Јавното претпријатие „Железници – Транспорт“.