Силно невреме низ Македонија: Илјадници повици на 112, штети во повеќе градови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Центарот за управување со кризи информира за состојбата по невремето со силен ветер и дожд што ја зафати територијата на државата

По невремето проследено со силен ветер, дожд и локални поројни врнежи, на повеќе подрачја во државата се регистрирани материјални штети, паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, прекини во електроснабдувањето и други последици.
Екипите на надлежните институции се на терен и работат на расчистување на последиците и нормализирање на состојбата.

Скопски регион
По 17 часот, преку Единствениот број за итни повици 112 се примени над 9.000 повици од граѓани, при што најголемиот дел се однесуваат на последиците од невремето. Најмногу се пријавуваат паднати дрвја, оштетени возила и кровни конструкции, скинати електрични кабли, паднати бандери и други оштетувања.
Пријавите се однесуваат на целата територија на Град Скопје, вклучувајќи ги сите општини.

Полошки регион
Тетово
На територијата на Тетово нема регистрирани потешки случаи кои барале итни интервенции.
Евидентирани се помали материјални штети, а надлежните служби се на терен и ја следат состојбата.
Состојбата е стабилна и под контрола.

Вардарски регион
Велес, Свети Николе, Лозово, Кавадарци и Неготино
Во регионот се регистрирани последици од невремето, меѓу кои:
паднати дрвја и гранки;
оштетени кровни конструкции и настрешници;
прекинати електрични кабли.
На терен се ангажирани противпожарните единици, јавните комунални претпријатија, полицијата и екипи на ЕВН.
Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во електроснабдувањето поради оштетувања на електроенергетската инфраструктура.
Во индустриската зона во Кавадарци, поради паднати електрични жици, предизвикан е пожар кој веднаш е локализиран.

Североисточен регион
Куманово
Регистрирани се повеќе пријави од граѓани за последици од невремето.
Евидентирани се:
паднати дрвја на повеќе локации;
оштетени фасади и кровни конструкции;
паднати кровови на објекти;
оштетувања на електричната инфраструктура, паднати бандери и кабли.
Регистрирани се и случаи на паднати дрвја врз возила со материјална штета.
Сите пријави се проследени до надлежните служби.

Пелагониски регион
Битола и прилепски регион
На подрачјето кое го покрива РЦУК Битола, последици од невремето се регистрирани во дел од прилепскиот регион.
Откорнат е лимен кров од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“. Вработените работат на расчистување на последиците.

Источен регион
Штип, Кочани, Пробиштип и Виница
Во источниот регион се регистрирани последици од силниот ветер и дожд.
Пробиштип
Евидентирани се:
паднати дрвја и гранки;
оштетени кровови на приватни и стопански објекти;
паднати оџаци;
оштетени возила;
блокиран патниот правец од с. Ратавица кон Злетово;
прекини во електроснабдувањето.
Кочани
Регистрирани се:
оштетени кровни конструкции;
паднати дрвја и гранки;
навалени бандери;
поплавени подрумски простории.
Околу 80% од градот Кочани бил без електрична енергија, а поради прекин на работата на пумпите за вода имало прекин и во водоснабдувањето. Одржан е состанок на Општинскиот кризен штаб.
Штип
Евидентирани се:
повеќе паднати дрвја и гранки кои го отежнувале сообраќајот;
оштетена кровна конструкција на објект на ул. „Вита Поп Јорданова“;
подигната околу 50% од кровната конструкција на Клиничката болница Штип, при што се регистрирани поплавени болнички простории.
ТППЕ Штип и јавните претпријатија се на терен за расчистување на состојбата.
Виница
Регистрирани се само паднати гранки, без посериозни последици.

Југоисточен регион
Струмица
Регистрирани се:
прекини во нисконапонската електрична мрежа;
скинати жици и паднати столбови;
оштетени кровни конструкции;
паднат билборд;
скршени и откорнати дрвја.
Во земјоделството има пријави за оштетени оранжерии, однесени фолии и штети на земјоделски и раноградинарски култури.

Надлежните екипи се на терен и работат на отстранување на последиците.

Апелираме до граѓаните да бидат внимателни, да не се движат во близина на оштетени дрвја, бандери и електрични кабли и сите опасности да ги пријавуваат на Единствениот број за итни повици 112. Надлежните институции остануваат на терен сè до целосно отстранување на последиците од невремето.