Големо невреме проследено со силен ветер и дожд, синоќа го зафати источниот и југоисточниот дел на земјата. Најкритично беше во Дојран, каде што невремето предизвика за неколку паднати дрвја, кои придонесоа материјална штета.
Како што информира градоначалникот Илија Тентов, нема повредени лица.
„Околу 20 часот Стар Дојран беше зафатен од силно невреме проследено со обилни врнежи и силен ветар кое за среќа помина без повредени, само со материјална штета. Би сакал да ве известам дека екипите на ДППД Дојран и доброволна група граѓани,екипите на ЕВН веднаш излегоа на терен и започнаа со расчистување на паднатите дрвја и причинетите штети“, напиша Тентов на социјалните мрежи.
Кратко невреме ја зафати и територијата на Општина Крива Паланка, предизвикувајќи проблеми на повеќе патни правци и улици.
Невремето имаше и во Струмица, кое предизвика повеќе штети при што пожарникарите-спасители интервенираа во поширокиот Струмички регион.
Силниот ветер и неповолните временски услови предизвикаа неколку настани на кои интервенираа екипите на ТППЕ Струмица. Регистрирани се пожар на штала во с. Висока Маала, пожар на сува трева во с. Муртино, отстранување на паднато дрво на коловоз во с. Ново Село.
Пожарникарите-спасители навремено интервенираа на сите локации со цел да се спречи поголема материјална штета и да се обезбеди безбедноста на граѓаните.
