Десничарскиот кандидат Ѓорѓе Симион го призна поразот во вториот круг од претседателските избори во Романија и му ја честиташе победата на независниот кандидат, градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан.
„Би сакал да му честитам на мојот противник Никушор Дан, кој победи на изборите. Тоа беше волја на романскиот народ “, рече Симион во видео порака објавена на Фејсбук.
Тој им се заблагодари на повеќе од пет милиони Романци кои гласаа за него и рече дека нема да ги разочара.
„Нема ништо поскапоцено за мене од нивната доверба. Бевме сами против целиот систем, сами против сите. Горд сум на вас и се надевам дека ве претставував чесно“, рече Симион, објави денес Медиафакс.
„Ќе продолжиме да бидеме важен и значаен дел од романското општество. Ве молам секој од вас да не се откажува. Ќе одиме до крај, дури и ако е тешко да се почувствува овој горчлив вкус на поразот. Романија и романскиот народ мора да бидат на прво место“, рече Симион.
На вчерашните избори за претседател на Романија, Дан освои 53,6% од гласовите, додека Симион 46,4 проценти.
