Синдикатите со различно одбележување на 1-ви мај: Со сендвичи на конференција, без сендвичи на протест

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новинар: Каде ќе бидете Вие утре?

-Утре ќе бидам дома со семејството, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

„Сојузот на синдикатите на Македонија ги повикува сите кои што му мислат добро на работникот во текот на утрешниот ден, 1.мај во 11 часот да ни се приклучат на работничкиот протест“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Конфедерацијата на слободни синдикати денеска, со тематска Конференција и сендвичи за присутните го одбележа утрешниот Ден на трудот. Сојузот на синдикати пак за утре ги повика на протести работниците за да се побара минимална плата од 500 евра, почитување на колективните договори и зголемување на сите плати за 100 евра.

Трендафилов: Какви сендвичи?

Новинар: Па за да им ги дадете на тие што протестираат.

Трендафилов: Сите работници се добредојдени на утрешниот протест.

Со сендвичи на конференцијата или без сендвичи утре на протести, дополнително синдикатите покажаа дека имаат потполно различни ставови и продолжија со меѓусебни обвинувања.

„Имаше спремност од владата од 1.мај да почне повторно и поголемо зголемување на платите во јавниот сектор, но сега ќе ги прашате оние кои што излегуваат утре на протест зошто одбиваат да се сложат и зошто вработените од 1.мај нема повторно да земат зголемување на платите“, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.

„Владата вети дека од мај месец ќе бидат зголемени платите на работниците кои на почетокот на јануари протестираа пет дена пред министерствата и завршија пред Министерството за финансии и кои барата додаток на нивната плата од 30 проценти како што имаат дел од работниците во јавниот сектор, во дел од институциите додаток на плата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Дека двата синдиката се како рогови во вреќа, потврдува и нивниот став дали воопшто функционира социјалниот дијалог. За Конфедерацијата тој е добар иако нема репрезентативен синдикат, додека за Сојузот тој воопшто не постои. За советникот на премиерот за прашања од трудово право, Лазар Јовевски, дијалогот е одличен, а за тоа доказ било присуството на премиерот на секоја средба.

„Но на крајот на денот треба на сите да им биде јасно дека и оние што протестираат и оние што разговараат и оние што критикуваат ќе треба да седнат на маса како социјални партнери, кога зборам синдикати, работодавачи и Влада и на крајот од денот сите да разговараат“, изјави Лазар Јовевски, советник на премиерот Мицкоски.

Советникот на премиер и професор по трудово право Јовевски, најави дека 1.мај ќе го помине со своите книги и со изјави за медиумите по повод Денот на трудот.