Сите спортски натпревари во Македонија до 6-ти март без публика поради коронавирусот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Владата на последната вонредна седница донесе одлука сите спортски натпревари и културни манифестации во земјава да се без публика, поради ширењето на коронавирусот.

„Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации. Владата на Северна Македонија на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести“, се вели во соопштението испратено предмалку од Владата.

Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп“ и сите слични.

Министрите во Владата на седницата констатираа дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје ги постигнаа очекуваните резултати, дека ситуацијата со превенцијата и контролата за да се спречи непосакуваното ширење на корона вирусот, се остваруваат целосно.

Во насока на натамошна соодветна превенција, Владата го прифати предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 27 февруари 2020 година, формиран врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство, и донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година.