Сите „За“ минималната плата ВМРО-ДПМНЕ со амандман за скалесто покачување на другите плати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Едногласно со 101 „за“, пратениците ја изгласаа потребата од донесување на законот за минимална плата која ќе изнесува 18.000 денари а со кој ќе бидат опфатени околу 80.000 работници а ќе важи од мартовската плата. Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска образложувајќи го законот рече дека покрај тоа што се утврди минималната плата се промени и методологијата за усогласувањето е договорот кој се склучи со социјалните партнери.

Со предлог измените на законот за минимална плата се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците согласно податоците на Државниот завод за статистика за претходната година. Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата со предлог измените се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.

Опозицијата вели дека тие ќе го поддржат законот за зголемување на минималецот со најавија амандман за зголемување на платите и на другите нивоа. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека со овој амандман нема да се дозволи порамнување на минималната со другите плати и бара Владата да ги почитува колективните договори.

„Бараме износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата при што скалесто се зголемуваат платите. Очекуваме од страна на Владата, на парламентарните партии истиот амандман да биде прифатен затоа што секој заслужува подобро да живее и без разлика на тоа во кој дел од администрацијата имаме вработен Владата треба да покажат одговорност и сериозност и да ги усогласат“, вели Мицкоски.

Откако законот го помина првиот филтер во Собранието, сега за него треба да се расправа на надлежната Комисијата за труд и социјална политика а потоа и да се врати на седница.