Сивата економија годишно „јаде“ над една милијарда евра – Треновски: Од ДДВ може да се приберат уште 350 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сивата економија годишно „јаде“ над 1 милијарда евра, пари кои наместо во државната каса завршуваат во приватни џебови, а македонскиот БДП го чини над 4 милијарди евра. Потребни се  структурни реформи, ефикасно прибирање, но и трошење на парите на граѓаните и политичка волја за борба со корупцијата и сивата економија, потенцираше универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Бизнис 21“.

„Значи ние имаме користење доста на кеш, понатаму имаме прифатливост на неформалната економија. Ние во нашата држава гледате имаме формални компании кои соработуваат, суровини и материјали набавуваат од оние кои работат во неформалниот сектор и немаат некој проблем, дел го имаат се разбира, меѓутоа дел немаат проблем. Значи имаме прифатливост кај нас на сивата економија. Понатаму да спомнеме е поврзано со дознаките од странство. Кај нас според последната анализа над 21.000 граѓани, кажуваат дека се неактивни, а живеат од  средствата на своите роднини и пријатели кои живеат во странство. Значи тие влегуваат во неформалните канали средства во нашата економија“, вели Борче Треновски.

Главните причини за висока стапка на сива економија која се движи околу 30 проценти од БДП се нискиот стандард на граѓаните, непредвидливото деловно опкружување за бизнисот како и неефикасноста на институциите и инспекциските служби, но и даночниот морал на граѓаните. Според Треновски, без реформи, големи се ризиците за реализација на проекциите на буџетот за годинава.

„Една анализа на Светска банка покажува дека две третини од пресметаниот ДДВ, колку што треба да го наплатиме ние не го наплаќаме. Ако го пресметате во номинални цифри тоа се 350 до 400 милиони евра само по ДДВ не е наплатен не е собран. Да видиме дали ќе се собере тоа ДДВ. Тоа е  едниот ризик. Дали ќе ги намалиме ослободувањата, дали ќе успееме да ја зголемиме ефикасноста во трошењето. Ние може и понатака да зборуваме, има низа параметри кои покажуваат дека имаме неефикасно трошење. Државниот завод за ревизија утврдил во ревизорските извештаи дека една милијарда евра се поврзани со  негативни финансиски, со негативни извештаи од Државниот завод за ревизија, незаконски потрошени. 70 до 80 милиони евра е само пенали по неискористени кредити“, вели Борче Треновски.

Анализите покажале дека без структурни реформи земјава нема да тргне напред ниту во наредните 20 години, а македонскиот БДП нема да порасне повеќе од 2 до 3 проценти.