Скопјанка со над 17 милиони евра годишен приход – во 2018 највозрасниот богаташ имал 99 години, а најмладиот е бебе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

УЈП ја објави листата на најбогатите граѓани кои во 2018 пријавиле најголем годишен бруто приход. На врвот на листата на најбогати е граѓанка на Скопје, а освен од главниот град милиони евра заработиле и лица од Гевгелија, Струмица и Тетово.

„Во 2018 година, скопјанка има остварено највисок годишен бруто приход во износ од една милијарда 56 милиони 992 илјади и 55 денари. Граѓанин од Скопје е втор на листата со остварен бруто приход во износ од 453 милиони 517 илјади 731 денар. Меѓу првите десет на листата со највисоки приходи има и граѓани од Гевгелија Струмица и Тетово“, додава Сања Лукаревска.

Лукаревска рече дека највисоката годишна бруто плата во 2018 година е исплатена во секторот здравство и изнесува околу 184 милиони денари, а на листата на највисоко рангирани бруто плати има и во секторот трговија со тутун и тутунски производи, компјутерско програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на објекти. Во самостојните дејности најбогати се адвокатите, нотарите и извршители.  Најбогатиот пензионер е со странска пензија од над 5 милиони и 700 илјади денари, а интересен е податокот дека највозрасниот богаташ имал 99 години, а најмладиот сега има само две.

„Највозрасното лице кое остварило над милион денари приход било на возраст од 99 години, додека во групата над 10 милиони денари највозрасниот има 93 години. Лице кое се родило во 2018 година остварило дивиденда над еден милион денари, додека во групата над 10 милиони денари најмладиот има 21 година“, посочи Лукаревска.

Земјоделието било најисплатливо во југоисточниот регион на земјава каде граѓанин од Гевгелија остварил приход од продажба на сопствени земјоделски производи во износ од над 25 милиони денари, а втор на листата е валандовчанец кој остварил 20 милиони денари. Од игри на среќа во 2018 година најмногу добил жител од Скопје и тоа над 53 милиони и 600 илјади денари. ,