Скопје домаќин на самитот ЗБ-ЕУ – 6 милијарди евра за регионална соработка меѓу земјите на Балканот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерите на земјите од Западен Балкан се собраа на едно место во Скопје за регионална и економска соработка. Домаќин е премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а гости се премиерот на Косово, Албин Курти, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, генерален директор за соседство и проширување, Герт Јан Купман и Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евро Азија.

Овој состанок беше посветен на планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската комисија. Целта е да се преземат конкретни активности за зголемување на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан, а за ова Европската комисија издвои вкупно 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди се грантови, а 4 милијарди како поволни заеми. Ве повикувам да проследите делови од говорите што се одржаа на оваа средба и на оваа тема.

„Во контекст на европските аспирации, овој план претставува симбол за постојани реформи на Западен Балкан, исто така, претставува важен чекор за трансформација, усогласување на националните економии со стандардите на ЕУ. Оваа заложба не е само декларативна туку е ветување за финансиска поддршка во форма на грантови, заеми и слично. Со овој план за раст, земјите од Западен Балкан ќе ги забрзаат фундаменталните реформи,  а со тоа и поврзувањето со општиот пазар“, вели Димитар Ковачевски.

„Во овој процес никој нема да има право на вето. Секоја земја ќе работи сама, можеби во мали групи со другите, но никој нема да може да го спречи продолжувањето на договорот бидејќи тие имаат некакво еднострано билатерално несогласување. Секоја земја што ќе се обиде да направи такво нешто, ќе има последици. Ова го поставува темпото, дозволувајќи им на мала група земји да одлучат како да се движат напред, додека сите нè тргнеме по истиот пат. Ако некоја земја сака да чека, да седи и да гледа, граѓаните на таа земја ќе одлучат дали тие политички лидери се вистинските. И јас бев навистина охрабрен во нашиот разговор од тоа колку секој од лидерите ја препозна важноста да се оди напред на овој начин“, порача Џејмс О’Брајан.

„Дали можете да замислите во каква добра позиција ќе бевме доколку ЕУ беше посериозна за интеграција на регионот. Така требаше да биде кога почна берлинскиот процес, но овој процес се случува еднаш годишно. Затоа почнавме со Отворен Балкан. Имаше за цел игри на моќ, не само во регионот туку и во Европа. Ја поставивме агендата за договори кои се дел од овој план за раст“, вели Еди Рама.