Скопје полно со напуштени автомобили – 15 години паркиран во близина на детски парк, синоќа изгоре

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овој напуштен автомобил 15 години е паркиран на ова место. За жителите од Скопје-Север, автомобилот служел и како контејнер за отпадоци.

Но, истиот во текот на претходната ноќ беше опожарен. Од Противпожарната Бригада, информираа за последиците од пожарот.

„Синоќа во 01:00 часот добивме пријава за пожар на автомобил на улицата „Перо Менков“. Станува збор за автомобил кој не е во функција и во кој имаше и отпадоци. Брзо беше интервенирано и пожарот беше ставен под контрола“, вели Нуредин Мустафа.

Првиот човек на општина Бутел, Велимир Смилевски, вети решение за проблемот со напуштените автомобили. Заедно со властите на Град Скопје работат на измена на регулативата, која ќе предвидува нивно дислоцирање на посебен паркинг.

Но, не е во прашање само овој автомобил. Близу до него има уште два кои исто така се напуштени и кои се наоѓаат во непосредна близина на детскиот парк.

Жителите не сакаа да зборуваат за случајот, бидејќи стравуваат од сопствениците на автомобилите. Зад камера сите изразија загриженост за безбедноста на децата. Проблемот со напуштени возила претставува главоболка и за многу општини во Скопје.