Првата смена од 115 скопски средношколци утрово замина за Охрид, со што официјално започна бесплатниот наставно-научен едукативен камп организиран за учениците од средните училишта во главниот град. За време на престојот, младите ќе имаат можност да стекнат нови знаења и вештини, да истражуваат, да развиваат нови интереси и да создаваат нови пријателства.
Главната цел на овој камп е младите да го поминат летниот период на креативен и едукативен начин, преку активности кои ги поттикнуваат нивната љубопитност, критичкото размислување, тимската работа и личниот развој.
Програмата опфаќа разновидни активности:
Наука и образование: Научно-истражувачки работилници, едукативни предавања, интерактивни дискусии и тимски проекти.
Личен развој: Активности за развој на лидерските, комуникациските и презентациските вештини, со фокус на тимска работа, размена на идеи и градење поголема самодоверба.
Култура и рекреација: Културни и креативни активности, спорт, како и запознавање со богатото културно и историско наследство на Охрид.
По завршувањето на првата група, од 25 до 31 август во Охрид ќе престојува и втората смена, која ќе опфати уште 115 ученици.
Инвестицијата во младите претставува инвестиција во иднината на целото општество. Содадените можности за квалитетно образование, развој на вештини и поттикнување на младите да ги препознаат и развијат своите потенцијали остануваат еден од клучните приоритети.
