СКРМ со постапка до Меѓународната организација на трудот: И по интервенцијата на премиерот Мицкоски, преговорите со Министерството за култура во ќорсокак

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) соопшти дека поднел претставка до Меѓународната организација на трудот (МОТ), оценувајќи дека биле исцрпени сите можности за мирно решавање на спорот околу Колективниот договор за култура.

Од СКРМ велат дека на овој чекор се одлучиле откако, како што наведуваат, повеќе од една година немало суштински дијалог со Министерството за култура и туризам, а паралелно се води и постапка пред Уставниот суд поврзана со Колективниот договор.

Во соопштението синдикатот наведува дека поради, според нив, непочитување на правата утврдени со Колективниот договор, биле поднесени околу 800 тужби против институциите. Посочуваат и дека по консултациите со претставници на МОТ добиле препорака претставката да ја поднесат до Комитетот за слобода на здружување, а воедно побарале и медијација во спорот.

Од СКРМ тврдат дека неофицијално биле изразени сериозни забелешки за односот кон колективното договарање и предупредуваат дека евентуалното укинување на Колективниот договор би можело негативно да се одрази врз меѓународниот углед на државата.

Синдикатот наведува дека по интервенцијата на премиерот Христијан Мицкоски биле обновени разговорите меѓу Министерството за култура и туризам, СКРМ и СОНК, но оценува дека досегашниот тек на преговорите не довел до заемно прифатливо решение.

Во соопштението се нагласува дека СКРМ останува подготвен за преговори, но нема да прифати, како што наведуваат, ултиматуми и ќе продолжи да се залага за заштита на работничките права, достоинството на вработените во културата и почитување на колективното договарање.

Во врска со преговорите, министерот за култура и туризам Зоран Љутков претходно изјави дека Министерството останува отворено за разговори, но дека решението на Уставниот суд претставува „црвена линија“ која мора да се почитува во понатамошниот процес на усогласување.

Потсетување: Уставниот суд во мај годинава поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, постапувајќи по иницијатива поднесена од граѓанин. Со решението за поведување постапка Судот не донесе конечна одлука за укинување на договорот, туку отвори постапка во која ќе ја оценува неговата усогласеност со Уставот и законите. Конечната одлука на Судот сè уште не е донесена.