Слаб интерес за платформата на Мицкоски – СДСМ: Шупливи пораки со кои сака да глуми конструктивност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Осмосептемвриските пораки на премиерот Христијан Мицкоски изнесени во таканаречена платформа со 10 принципи ги опфаќа проблемите со кои државава се бори изминатите години од осамостојувањето. Во неа се наведени борбата против корупцијата, партизацијата на државата, стандардот на граѓаните, да се престане со етничките конфликти и да се изолираат елементите кои создаваат меѓуетничко неединство, потоа исполнување на нашата стратешка цел членството во ЕУ, но и единствено и обединување околу државните интереси. Тој упати повик до опозицијата да се исчисти од криминалот и да се приклучи на 10-те принципи.

„Премногу е пропуштено и треба многу да се направи. Затоа за сите овие принципи барам единство и обединување. Испраќам порака до лидерите во опозицијата околу овие 10 принципи да се обединиме сите. Исчистете се од криминалот во своите редови, реформирајте се и прифатете го ова што го нудам како платформа околу која се обединуваме. Сите партии и сите чинители да седнеме на заедничка маса и да изградиме македонска платформа за делување. Платформа за иднината и наредното доба“, изјави Мицкоски.

Но овие пораки на Мицкоски од СДСМ ги оценија како протоколарни кои, како што наведуваат нема никаква допирна точка со реалноста и политиките кои ги спроведува овие два месеца. Речиси сите 10 точки од наводната платформа се чиста спротивност на намерите и политиката на партијата на власт и платформата треба да се чита спротивно на тоа што е кажано, велат од опозициската СДСМ.

„Повиците за декриминализација на опозицијата се очаен обид да се покријат сопствените скандали во кои тоне Мицкоски. Освен партиската говорница за сеење лаги и измислени скандали против опозицијата Мицкоски не успеа да докаже никаква криминализација. Мицкоски секако мораше да покаже и конструктивност, па ја повика опозицијата да се приклучи, а не кажа за што. Шупливите пораки со кои сака да глуми конструктивност се веќе прочитани. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту план, ниту конкретен предлог за обединување.“, велат од СДСМ.

За платформата на Мицкоски и повикот за обединување побаравме став и од Европскиот фронт, но и од владиниот коалициски партнер ВРЕДИ но одговор од нив не добивме.