Има благи подобрувања во квалитетот на собраниската дебата за претходната 2025 година, но сепак нема високи резултати, односно од можни 1 до 10 таа ја добила средната оценка 5,7. Опозицијата бележи поголема активност од пратениците на власта, а забележана е и зголемена активност на опозиционите пратениците од албанските политички партии. Подобрување има и во настапите на пратениците, односно намалени се личните навреди и дисквалификации помеѓу политичките противници, но забележано е дека нивните говори се слабо аргументирани.
–Ниското ниво на аргументацијата во репликите и контрарепликите ја бутка целокупната оценка генерално. Класично и разбирливо е опозицијата секогаш повеќе има настапи и тоа го мериме 63 од настапите се од опозиционите пратеници, 37 се од пратениците на власта, изјави Марко Трошановски, Институт за демократија.
Пратениците потфрлиле и во дебатирањето за ранливите и маргинализирани групи граѓани. За младите и нивната иднина слабо се дискутира и тоа единствено кога има меѓусебни критики кој е виновен за нивното иселување. Во однос на институтот канцеларии за контакт со граѓаните, забележано е слабо функционирање, а одредени пратеници воопшто и немале контакти, а граѓаните најчесто барале помош во вработување.
-Најчесто теми кога станува збор за работа и работен однос, можете да претпоставите, тоа се теми за вработување, но можете да видите дека има иницијативи за транспорт, инфраструктура, за социјални услуги. Толку се поделени граѓаните во однос на политичката припадност што просто не се осмелуваат да влезат во канцеларијата на друг пратеник бидејќи ќе бидат перцепирани како да припаѓаат на одредена политичка партија, изјави Неда Малеска Сачмароска, Центар за управување со промени.
Од НДИ најавија дека од 27 април до 5 мај ќе стартува годишниот караван за директни контакти на граѓаните со пратениците во кој ќе бидат посетени 8 градови. На овој караван ќе бидат промовирани алатките за приближување на работата на Собранието и пратениците до граѓаните.
