Ако банките не ги намалат провизиите што граѓаните ги плаќаат за банкарски услуги, Народната банка ќе преземе мерки за намалување или укинување на нивото на Европската Унија, од каде се најгоемиот дел од газдите на македонските банки.

Одржување на сметка за компании Висок трошок, да се намали
Електронско и мобилно банкарство Да се укине надоместокот
Внатрешни плаќања во рамки на банката Да бидат бесплатни
Меѓубанкарски плаќања (МИПС, КИБС) Значително да се намалат
Подигање готовина на туѓи банкомати Да се намали, фиксна ниска такса
Прифаќање картички кај трговци Да се намалат провизиите
Новиот гувернер Трајко Славески, иако на средбата со Македонската банкарска асоцијација првично слаткоречиво на банкарите им стави на знаење дека очекува соработка, откако го слушна ставот на МБА дека не е толку лесно да се намалат провизиите, отворено се закани со регулација, ако во најкус можен рок не ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и ги постават на разумно ниво.
„Мислам, пративме и параметри. Укажавме на меѓународни практики, укажавме која би била користа од сето ова, но укажавме и на нешто друго. Ако цените на електричната енергија, на природниот гас, на снабдувањето со вода, на телекомуникациски услуги, како што кажав се регулирани, така ќе бидат регулирани, уште може да биде од есен и цените на платежните услуги.“, рече Славески.

Аргументите на Гувернерот се дека банките се екстра профитабилни, што покажуваат податоците за поврат на сопствениот капитал од 20 насто.
Но, од Македонската банкарска асоцијација пак велат дека една е состојбата во Европската Унија, а друга кај нас.
„Сите знаеме дека ние имаме сериозни расходи во Македонија за кадарот во ИТ индустријата, сериозни расходи во делот на картичното работење кон странските провајдери и всушност затоа ни е една од борбите се што можеме да го правиме во Македонија, да го правиме во Македонија со сопствени ресурси за да можеме да им обезбедиме на нашите клиенти по поволни цени.“, вели Маја Штериева.

Но, Народната банка им понуди да ги намали провизиите што банките ги плаќаат кон неа за користење на МИПС системот, со надеж дека банките ќе го пренесат ова намалување кон корисниците.
„Денес доаѓаме со понуда до банките, Народна банка да го направи првиот чекор со намалување на надоместоците што банките ги плаќаат кон Народна банка за користење на услугите на МИПС, како што се на надоместоците поврзани со долговниот промет. Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите, и да ја постават на разумно ниво“, вели Славески.
Од Македонската банкарска асоцијација велат дека одлуките за висината на провизиите се носат индивидуално од секоја банка и дека тие немаат механизам за колективно намалување на цените. Додаваат дека процесот ќе биде долг и дека ќе се разгледуваат трошоците пред евентуални промени. Славески ги предупреди банките да не ни помислуваат да се договараат за висините на провизиите, оти ќе бидат на удар на Антимонополската комисија.
