„Слободата е скапа“, рече ослободениот Абдилфета Алими – Села: Горд сум на Фета, овој маж никогаш не потклекна!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По шест години во затворот во Идризово, Абдилфета Алими излезе на слобода.

Кај вратата го чекаа неговите блиски и поранешниот претседател на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Абдилфета Алими по излегувањето од затвор рече дека слободата е скапа и се надева дека сите тие кои се неправедно осудени што поскоро да се ослободат.

„Слободата е скапа. Голем дел поминав овде. Оставив неколку пријатели кои се неправедно осудени, да даде Господ и тие еден ден да излезат како јас. Се извинувам, ќе одам да се видам со семејството, соселаните и мојот пријател Зијадин“, рече Алими.

На Зиадин Села му го спаси животот Абдилфета Алими вечерта на 27 април во Собрание. Села вели дека е среќен за неговото ослободување и вели дека од 27 април Алими го смета како дел од семејството.

„Денеска се чувствувам онака како што би се чувствувал член на семејството на Фета. Како што би се чувствувал некој кој му го должи својот живот на овој човек. Се чувствувам слободен како Фета, како што сум се чувствувал надвор од ѕидовите на овој затвор, но затворен заедно со Фета. Горд сум и на неговата непобедливост и одлучност, овој човек никогаш не потклекна!“, изјави Села.

А синот на Абдилфета, Бурим Алими, е среќен за неговиот татко и се надева ваквите случаи да не се повторат.

„Со малку зборови, многу, многу сум среќен и се надевам ваквите неправди нема да се повторат веќе бидејќи многу е тешко да го доживееш тоа без да бидеш виновен. Се надевам овие случаи никогаш да не се повторат.“, изјави Бурим Алими.

Инаку, Абдилфета Алими затворската казна ја издржува од март 2019 година. Тој беше осуден на седум години затвор, од кои осум месеци му беа помилувани од претседателот, Стево Пендаровски. Алими е осуден во случајот за настаните на 27 април 2017 година во Собранието. Судот имаше предвидено дури и повисока казна, но бидејќи му го спаси животот на пратеникот Зиадин Села, Алими беше осуден на само седум години ефективна затворска казна.