Словачка и Чешка со критики за ЕУ – Корчок: Се надевам на консензус за преговарачката рамка за Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Критики и недвосмислени пораки кон Европската унија поради фактот што Македонија остана блокирана во стартот на пристапните преговори, упатија шефовите на дипломатиите  на Чешка и Словачка Томаш Петричек и Иван Корчок. Во заедничкиот став објавен во ЕУ Обсервер тие порачуваат дека Европската унија не смее да стане судија за историски прашања, а бугарските барања за историските толкувања ги сметаат за изненадувачки и големо отстапување од принципите во процесот на проширување.

„ЕУ не е тука за да утврди кој е во право или не врска со прашања по поврзани со историјата, јазикот или идентитетот. ЕУ се заснова на единство во различностите, а не на пресуди и категоризации. Отворените историски билатерални прашања треба да се решат билатерално. Обврската Северна Македонија да го поправи наводното погрешно толкување, не е прифатлива. Потребен е директен и јасен процес кој се базира на мерливи критериуми, јасни заложби и политичка волја“, истакна Томаш Петричек.

Токму шефот на словачката дипломатија Иван Корчок ваквите пораки ги испрати директно од Македонија каде денеска е во работна посета. Се надева дека состојба со пандемијата и карантинот кој го има во многу земји на Европската унија нема да влијае на одржувањето на Советот за општи работи што треба да се одржи под претседателство на Португалија.

„За да продолжите напред во овој процес потребен ви е консензус на 27 (земји члнеки). И јас сум асполутно сигурен дека пандемијата не може да не запре во постигнувањето на тој консензус во текот на претседателствувањето на Португалија. Северна Македонија направи многу. Ние бевме блиску како никогаш во постигнувањето консензус, Словачка останува конструктивна во овие напори“, истакна Иван Корчак.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека поддршката што доаѓа од Словачка е посебно значајно особено откако Европската унија не постигна консензус за стартот на преговорите со нашата земја. Рече дека Македонија останува посветена на реформите, но и на преговорите со Бугарија.

„Не треба во ЕУ да внесуваме недоразбирања, но во истовреме, објективен е впечатокот кој се создава и кај нас и кај останатите земји во регионот дека процесот на интеграција станува непредвидлив, нејасен или попрецизно еден вид подвижна мета, која не наградува според учинок, според мерит системот, туку според актуелните политички околности“, вели Бујар Османи.

Османи и Корчак ја поздравија одлуката Македонија да отвори амбасада во Братислава, со што како што рекоа двајцата со тоа ќе се засили пријателството и соработката меѓу двете земји.