Уставните измени се клучни за Северна Македонија да напредува на патот кон Европската Унија. Ова го изјави министерката за надворешни работи на Словенија Тања Фајон која ги повика сите политички партии да гласаат за уставните измени.
„Ги повикувам сите одговорни страни во оваа земја да ги преземат неопходните чекори, како што е измена на Уставот, за да може да продолжи овој процес на проширување и претпристапни преговори. Тоа е одговорност кон државјаните, кон граѓаните и од суштинско значење е Македонија да оди напред кон ЕУ“, вели Тања Фајон.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека Словенија и помага на РСМ во делот на интегративниот процес во Европската унија.
Инаку, денеска беше потпишан меморандум за соработка меѓу Северна Македонија и Словенија. Маричиќ нагласи дека овој меморандум за периодот 2023-24 година предвидува околу 2 милиони и 100 илјади евра. Од друга страна, Фајон објави дека од 2010 година Словенија инвестирала повеќе од 43 милиони евра во земјава во проекти за заштита на животната средина.
