Македонија ќе ги користи добрите практики на Словенија за забрзување на реформите на јавната администрација. Министерот Горан Минчев со словенечкиот колега Франц Пропс потпишаа Меморандум за соработка при што рече дека најпрво ќе се земаат добрите примери од земјите од регионот бидејќи земјава се наоѓа на дното по спроведување на реформите. За ова деновиве и евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека има доцнење во реформите на јавната администрација.
-Обуките и едукациите на нашите службеници од кои што можеме да ги користиме добрите практики од Република Словенија. И овој период кој што касниме, бидејќи во регионот Република Македонија е последна по реформите во јавната администрација да го искористиме нивното искуство и од земја која што е на крајот на листата да стане во земја која што е во топ 2 или 3 земји од регионот во реформи во јавната администрација, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Во Словенија бројот на администрацијата е околу 180 илјади што е за околу 50 илјади повеќе од земјава. Министерот Франц Пропс вели дека за ефикасна администрација потребно е да има соработка и со самите вработени.
-Главен акцент ќе се стави на подобрување на ефикасноста на јавните услуги, модернизација на управните процеси и зајакнување на дигитализацијата. Посебен акцент посветуваме на развојот на кадрите бидејќи квалитетен стручно образован и мотивиран јавен сектор е темел за јавната администрација, изјави Франц Пропс, министер за јавна администрација на Словенија.
Во текот на овој, а најдоцна до идниот месец треба да се усвојат два закони за реформи во јавната администрација, по што ќе следат уште 3 закони, но она што треба да се направи е реорганизација на вработените бидејќи како што рече Минчев во дел од институциите има превработеност, а во дел недостасува кадар.
