Првообвинетиот, екс директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, денеска за првпат се појави во судот и се изјасни дека не се чувствува виновен. Тој на 9 септември од граничниот премин Блаце беше спроведен во притвор, отако по двегодишно бегство самиот се пријави во полиција.
Судот на денешното рочиште одлучи доказите да се изведуваат како што предложи Обвинителството, со читање на насловите и објаснување на која околност се однесуваат. На ова реагира адвокатот на првообвинетиот Перпарим Бајрами, Еленко Миланов, кој побара доказите да бидат презентирани во целост бидејќи, како што рече, случајот е од голем јавен интерес. Меѓутоа, одлуката на судот остана иста. Судењето ќе продолжи на 23-ти септември, кога обвинителството ќе чита докази.
„Сето она што е како содржина,неспорна, ќе биде прочитана и презентирана, за да сите и судот и обвинителството, обвинетите, а и вие како јавност ја знаете содржината и дали таа е нешто што го поткрепува ова обвинение или нешто што не дава основа за негово поднесување“, изјави адвокатот Миланов.
Во овој случај, покрај Бајрами обвинети се уште седум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби. Тие се товарат за пречекорување на службените овластувања и предизвикување штета на „Државна лотарија“ од над 596 милиони денари.
