Службеник за венчавање од Слупчане е осомничен дека издавал фалсификувани потврди за склучени бракови на странски државјани!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривична пријава против 66-годишен жител на селото Слупчане, општина Липково, поради сомнение за фалсификување службена исправа, пренесува ТВ21.

Според полицијата, осомничениот, во својство на матичар во Управата за водење на матичните книги во месната заедница Слупчане, во периодот од 2021 до 2024 година внесувал невистинити податоци и изготвувал фалсификувани изводи за странски државјани.

Во документите прикажувал дека странските државјани наводно склучиле брак пред него, иако станувало збор за невистинити податоци.

„СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.З. (66) од селото Слупчане, општина Липково, поради сомнение за сторено кривично дело „Фалсификување службена исправа“. Во текот на 2021, 2022, 2023 и 2024 година, осомничениот, во својство на матичар во Управата за водење на матичните книги во месната заедница на селото Слупчане, внесувал невистинити податоци и изготвувал лажни изводи за странски државјани, прикажувајќи во нив дека тие наводно склучиле брак пред него“, соопштија од МВР.