Смени на клупите во прволигашите по завршувањето на првиот дел: Васоски од Вардар во Академија Пандев, Шкупи и Работнички останаа без тренери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири тренерски смени се случија во Првата лига во фудбал по завршувањето на есенскиот дел од сезоната. Три клуба останаа без тренер, а еден тим доби нов предводник.

Александар Васоски, доскорашниот предводник на Вардар, стана нов шеф на стручниот штаб на Академија Пандев. Академија Пандев остана без тренер откако си замина Југослав Тренчовски. Александар Васоски, пак, си замина од таборот на „црвено-црниот“ тим веднаш по завршувањето на првиот дел, со оглед дека ситуацијата во Вардар е неизвесна по заминувањето на рускиот сопственик Сергеј Самсоненко.

Без тренер од вчера е и тимот на Шкупи. Чаирската екипа објави дека ја прекинува соработката со турскиот тренер Умит Каран. Каран по вторпат се врати на „Чаир“ по смената на Муарем Бајрами, но издржа само неколку месеци на клупата.

И клупата на тимот на Работнички остана празна. Српскиот тренер Ратко Достаниќ и тимот ја прекинаа соработката по меѓусебен договор. Достаниќ од почетокот на годината го предводеше тимот, но резултатите не беа според очекувањата, и затоа дојде до смена.