Камион кој истурал градежен отпад на зелена површина во Карпош, Скопје, не останал незабележан. Видеоснимките објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа лице како фрла шут на зелена површина, довеле до негово идентификување и санкционирање од страна на надлежните институции.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека станува збор за 50-годишен маж од Скопје, кој бил повикан во полициска станица на информативен разговор.
„Денеска (30.10.2026), во Полициската станица од општа надлежност Карпош е повикан А.А.(50) од Скопје во врска со претходно објавени видеоснимки на социјалните мрежи на кои се гледа како машко лице со товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки истура градежен шут на зелена површина“, се наведува во соопштението на МВР.
Од Министерството додаваат по преземените мерки и активности, утврден е неговиот идентитет, повикано е во полициска станица и со него е извршен службен разговор, по што заедно со инспекторат за животна средина при општина Карпош се преземени соодветни законски мерки.
