Електричните алки за домашен затвор по 10 години конечно ќе бидат ставени во употреба, вели во интервју за ТВ21 Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.
-За некои два месеци, конечно, после 10 години ќе ги бидат ставени во функција алките кои што во огромен број на европски земји и САД функционираат, вели Александар Пандов, директор на УИС.
ТВ21: Во Америка уште во 80-тите години сме гледале, по филмовите…
Пандов: Што да речам, ние сме 2024 и како не знам што да треба да се направи, како на Марс да се качиме.
Иако Законот на пробација (издржување казна затвор дома) стапи на сила во ноември 2016 година, досега опремата набавена за примена на законот, како што се алки за домашен затвор, монитори и софтвер не биле ставени во функција. Куќниот затвор е и едно од решенијата за намалување на пренатрупаноста во затворите.
-Главен таргет кој првично ќе се растерети се стари лица, тешко болни со малигни заболувања со тешки облици на болест и бремени жени и со мали деца. Тие веднаш би можеле да бидат во куќен затвор, изјави Александар Пандов, директор на УИС.
Алката која во себе има џи-пи-ес (GPS) предавател, заедно со друга опрема и пробациската служба, треба да гарантираат дека осуденото лице не го напушта домот и дека алката постојано е на него.
-Се става алката на нога, има еден дел каде што се става СИМ картичка и параметар од некои 20-30 метри за движење. Ќе има контролна соба, ќе има вработени таму, ако се оддалечи затвореникот од тој периметар, веднаш сигнализира во Управата и на тој уред кој ќе биде ставен во неговиот дом има слушалка, службеникот му врти, ако не се јави, следно јавување е во МВР дека тој човек е во бегство, изјави Александар Пандов, директор на УИС.
Алките за издржување на казна куќен затвор се донација вредна 1,5 милиони евра, а не профункционираа затоа што воопшто не беа ставени во употреба во првата година по нивната набавка во 2015 година, колку што траеше гарантниот рок на производителот. Тие не беа ставени во функција ниту во втората година по купувањето. Кога потоа се покрена иницијатива за нивно ставање во употреба потребно беше да се купат нови батерии кои чинеа многу, особено што беше изминат гарантниот период.
Законот за пробација предвидува можности сторителите на полесни кривични дела и лица кои одложиле половина од казната и сакаат да се ресоцијализираат, преку вештини и знаења директно да се вклучат во заедницата, заради што мора во државата да се отворат пробациски канцеларии.
