Скопје синоќа го потресе вооружен напад во кој се убиени две лица, а едно е повредено. Случајот се случил во ова кафуле во близина на скопско кале.
МВР соопшти дека биле 5 вооружени лица, облечени во црно и со маски на лицата.
„На 06.03.2023 во 20.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Самоилова“ во Скопје пет лица, облечени во црна облека со фантомки, од огнено оружје пукале кон Ј.К.(37) и Е.И.(28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош“, велат од МВР.
По убиството сторителите побегнале во непознат правец. Од Обвинителството велат дека се обезбедени видео снимки од објектот во кој беа убиени двајцата скопјани, но и од околните објекти и градските камери.
„По наредба на јавниот обвинител ќе биде извршена обдукција на телото на починатите. Сите обезбедени и подигнати траги и материјални докази од лице место во угостителскиот објект во кој се случи настанот се предадени на вештачење. Обезбедени се снимки од видео надзорот на самиот објект, на околните објекти, како и од системот „Безбеден град“, кои детално ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издал наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот“, вели ОЈО.
Малку подоцна опожарен автомобил е пронајден во Горно Оризаре во Скопје.
Екипата на ТВ21 денеска беше на лице место, станува збор за автомобил Ауди А6, кој наводно го користеле лицата кои го извршиле убиството. Од Обвинителството велат дека контролата на оваа локација во Скопје продолжува.
