Почнавме сите од иста стартна позиција и игравме според правилата во одредени периоди, како држава се соочивме со двојни стандарди и пристрасни судии што не секогаш ни овозможуваа праведно оценување на постигнатото, рече денеска претседателот на државата Стево Пендаровски за време на одликувањето на четворицата спортисти со орден „8-ми септември“.
„На овој тежок пат, постигнувавме и успеси но приредувавме и разочарувања за македонските граѓани. Енергијата често пати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план најголем предизвик со кој и ден денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех“, изјави претседателот Стево Пендаровски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече имаме една заедничка држава во аманет и сите сме одговорни за неа,посочувајќи дека само така ќе живее и понатаму сонот на нашите предци. Џафери потенцираше дека процесот на евроинтеграција нема алтернатива или замена и ни останува уште последниот чекор – затоа што враќање назад нема.
„Верувам дека во сите нас има сила, волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија. Имаме една заедничка држава во аманет и сите сме одговорни за неа“, рече собранискиот спикер, Талат Џафери.
Премиерот Димитар Ковачевски положи цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски.
„На овој 8-ми септември повикувам сите заедно обединети во слободата да се обединиме и околку идејата за Република Северна Македонија којашто брзо чекори по европскиот пат. Да се издигнеме на висина на должноста, за да ја добиеме нашата генерациска битка. Нека ни е честит и вековит 8-ми септември Денот на независноста“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Денот на независноста – 8 Септември, се одбележува со низа пригодни манифестации, меѓу кои и изложби и отворени врати на културните установи, музеи и галерии низ целата држава.
