Со кого се договарал Артан Груби? – Жителите на Блаце велат дека никој не ги контактирал за плацовите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вицепремиерот Артан Груби минатиот месец рече дека завршила експропријацијата на сите приватни имоти на жителите на Блаце за изградба на автопатот Скопје-  Блаце.

„Ја завршивме експропријацијата на сите приватни имоти на тоа место на трасата од првите два километри и започнавме со проектирање на следните 11 км чие проектирање треба да заврши следната година и да се објави тендер“, истакна Артан Груби.

Дел од сопствениците на плацовите не знаат со кого се договорил Груби да почнат градежните работи на нивното земјиште без да им се плати и без да бидат консултирани. Тие велат дека никој не ги контактирал и дека без дозвола се работи на нивните имоти.

„Вицепремиерот Груби ниту дошол овде, тој зборува од Собрание, таму јас не знам што се прави. Никој не дошол овде, јас како сопственик на имот два дена ги прекинав работите на мојата нива, не кај некој друг, и по два дена повторно почнаа“, посочи Зиљќиф Барди.

Друг жител на Блаце, низ чиј имот поминува автопатот, вели дека не се единствени кои не се договориле за цената на земјиштето. Според него уште  многу други сопственици не се согласуваат со цената.

„Од нашата населба се некаде околу 20, но има и од село Сечиште од другата страна кои имаат имот тука“, додава Мухиб Џавити.

Жителите велат дека доколку државата не им ја плати цената која ја бараат, тогаш ќе побараат размена земја за земја.

„Да се направи размена, земја за земја бидејќи државата има имот, ви го давам плацот, вратете ми земјиште“, вели Зиљќиф Барди.

Жителите на Блаце не застанаа тука. Тие ангажирале адвокат и чекаат овој месец да излезат на суд. Велат дека не се против изградбата на автопатот,но се против тоа нивните плацови да се потценуваат и да ги купи државата за евтина цена. 200 до 400 денари е цената која е одредена,  а надлежните велат дека Блаце е планинско место, главно со ниско – стеблести дрвја и земјоделско земјиште, затоа цената е таква. Сопствениците на земјиштето бараат од 50 до 100 евра за метар квадратен.