„Со малку волја, спорот може да се затвори уште утре“ гневот за шегата на Рама, Османи го препишува на ВМРО-ДПМНЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште малку денови до следната одлука на Европскиот совет за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Пакетот Скопје-Тирана остана блокиран само поради една земја-членка, Бугарија! Комплицирањето на политичката состојба во Софија не е случајно, смета министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Има надежи, но не сака да ги подгрева очекувањата. Како што вели, доколку има волја, спорот може да се надмине многу брзо.


-Јас нема да запрам до 30 јуни, ниту една секунда, бидејќи мислам дека има простор, мислам дека со малку политичка волја, ние уште утре би можеле да го затвориме ова прашање, потпирајќи се на решенијата за кои разговаравме досега за време на последните средби. Елементи и решение за секој проблем има, но формализиран и потпишан договор нема!, вели Османи.

Во емисијата „Клик Плус“, шефот на дипломатијата, Османи се осврна и на шегата на премиерот на Албанија, кој премиерот на Северна Македонија го нарече „иден премиер на Западна Бугарија“. Гневот кој оваа шега го навлече во јавноста, Османи го препишува на ВМРО-ДПМНЕ.


-Опозицијата има тенденција за сѐ што е албанско да излегува против, па така и ова малку му потпомогна на тој гнев…
-Зборувате за ВМРО-ДПМНЕ?
-Да. Меѓутоа сакам да кажам дека тоа беше само продолжение, тој дел не беше за јавноста, беше за луѓето внатре кои ја следеа дебатата за време на средбата и тоа никому не му остави некаков посебен впечаток бидејќи беше посветено и за премиерот Ковачевски, и за сите останати, бидејќи беше продолжение на остра критика на премиерот Рама кон блокадата што ја прави Бугарија. Затоа, апсолутно не смееме да имаме забелешки кон принципиелната политика на Република Албанија кон нас. Тие уште на почетокот можеа да побараат одвојување, рече тој.

Османи, во име на Владата изрази благодарност за поддржувачкиот став на Еди Рама на Самитот во Солун.