Со удар во чело на Судскиот совет – Мицкоски најавува интерпелација на дел од судиите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, најави премиерот Христијан Мицкоски. Со ова тој практично и ја почна, како што претходно го најави робусната акција за справување со како што вели корумпираните судии и обвинители. Според него, ова ќе биде удар во чело и очекува по интерпелацијата во Собранието, судиите сами да се повлечат. Воедно, судско-обвинителскиот систем го нарече мочуриште со многу контроверзи и скандали.

„Треба да се удри во чело, да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти и така натаму а ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции во случајот на парламентот а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет таму каде што се бираат таму да се изгласа и интерпелација. Јас се надевам дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет дека тие истите ќе бидат доблесни и ќе се повлечат“, вели Христијан Мицкоски. 

На ова со статус реагираше претседателот на СДСМ Венко Филипче кој побара следните чекори за реформи во правосудството да се прават со консензус со сите партии во Собранието. Ставот за ова го пренесе Мартин Костовски од СДСМ.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како одговорна партија бара заедничка средба на сите политички партии во Собранието. Притоа на таа средба да се изгради натпартиски, општ консензус затоа што постои сериозна опасност доколку еднострано се настапи во делот на самата реформа и ризик од повторна партизација на правосудните органи. Собранието, законодавниот дом на државата е токму тоа место каде што се гради општ консензус“, вели Мартин Костовски.

Вчера претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски го повтори тоа што го изјавуваше изминатиот период, дека не се согласува со Мицкоски.

„Според мене тоа не е добра пракса така да се воспостави. Сме имале искуство со слични пракси во изминативе 30 години од самостојноста на државата и знаеме обично како завршувале тие пракси. Со секоја промена на власта ќе се менуваат тие тела што на крајот сепак ќе значи дека има некакво мешање од другите власти во судската“, вели АЛександар Камбовски.

Иницијативата се однесува на петмина судии од Судскиот совет Дамева, Црвенковска, Адеми, Чочарова-Илиевски и Мустафа кои се избрани од претходниот собраниски состав, а за кои актуелната власт има силни критики за нивното работење.