Општина Тетово издаде Правилник за исплата на надомест на граѓаните кои ќе бидат каснети од уличните кучиња.
Врз основа на овој Правилник кој е усвоен од Општинскиот совет, граѓаните можат да добијат оштета од 30 илјади до 100 илјади денари, но добивањето на овие пари нема да биде толку лесно бидејќи каснувањата ќе бидат пресметани врз основа на поени.
Како се добиваат поени?
Доколку сте повеќе пати каснати добивате 15 поени, за едно каснење добивате 10 поени, а за гребатинка 5 поени. Децата и лицата над 65 години можат да добијат 15 поени, лицата од 15 до 18 години 10 поени, од 18 до 65 години 5 поени.
За висок степен на нагрденост се добиваат 25 поени, среден степен 15 поени и низок степен5 поени. Доколку станува збор за интензивен степен на нарушување на психичката состојба од претрпената траума добивате 15 поени, за умерен 10 и за благ степен 5 поени.
Сумата за надомест ќе ја утврди посебна пет члена комисија, која се состои од два члена од општината, еден од ЈКП Тетово, лекар од трауматологија и психијатар.
„За еден граѓанин да добие надомест од 100 илјади денари од општина Тетово потребно е да има повеќе од 81 поен и треба да биде каснат повеќе од еднаш со силен угриз, треба да биде дете или да има над 65 години , треба да има висок степен на нагрденост, и неговата психичка состојба да биде интензивна и да има многу големи трауми“, вели репортерот на ТВ21.
Претседателот на Општинскиот совет, Бесар Дурмиши вели дека како основа за овој Правилник се земени правилниците од другите општини од Македонија и дека тоа е привремено решение се додека општината да најде друго решение.
„Додека претходното раководство ја прекина исплатата за случаи на каснувања од кучиња скитници и додека сме во процес на решавање на проблемот со кучињата скитници, направивме Правилник кој е идентичен со тој што го имаат другите градови, како што е градот Скопје и ова не е бегање од одговорност туку привремено решение на проблемот додека не се најде долгорочно или трајно решение на проблемот со кучињата скитници“, вели Бесар Дурмиши.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека во текот на 2022 година имало 59 случаи кога граѓани биле каснати од кучиња скитници, додека во текот на 2023 година имало само 4 случаи. Општина Тетово извести дека за 2023 година издвоила 3 милиони денари за третман на кучињата скитници.
